Со жив штит жителите на Миладиновци денеска се обидоа да го запрат работењето на рафинеријата ОКТА. Бараат клуч на врата или прогласување на еколошка катастрофа. Ако до сега не труеја преку воздухот, сега полека не убиваат и преку водата, велат жителите на Миладиновци.

- Никој нема излезено да измери колкаво загадување има во воздухот. Од последниот пат е само полошо. Од ОКТА не разговарале со нас 6 месеци. Од министерството пак тогаш ни кажаа тоа да го решиме со ОКТА кои требаше да постават мерни станици - изјави Миливое Станковски од Иницијативниот одбор на жителите на Миладиновци.
- Школото каде што учат децата се наоѓа кај каналот каде што е најмногу загадено.
- Инспекцијата мора да не заштити, вака не се живее веќе. Инспекторите кога не се тука во петок, сабота и недела најмногу испуштаат и тогаш е неподносливо.
- Снаами кога оди на работа на автобуска кога чека покрај каналот, со марамче на носот е не може да издржи од смрдеата - велат жители на с. Миладиновци.
Инспекторите од министерството за животна средина по долги години сериозна опасност од рафинеријата, најавија дека жителите на Миладиновци ќе морат да почекаат уште некоја година. Досега загадувањето не било регулирано со закон.
- Ова не може да се реши брзо, засега можеме само да го намалиме капацитетот но не можеме да ја исклучиме. Со овој договор треба да се обезбеди дозволата за работа по европски стандарди. Досега ОКТА немала законска обврска да ја има оваа дозвола - вели Филип Иванов, директор на управа за животна средина.
Градоначалникот на Илинден не ги поддржа своите сограѓани, но случајно или не на Миладиновци се сетија градоначалникот на Град Скопје и општина Петровец.
- Можеби требало време ова сериозно да го сфатиме или сум мислел дека надлежните ќе го решат ова - рече градоначалникот на Скопје Трифун Костовски.
- Ако се казнува за пикавец по 50 евра тогаш за вакво загадување колку треба да ја казниме ОКТА - вели градоначалникот на општина Петровец Звонко Цветковски.
Жителите на Миладиновци најавија дека секој ден ќе го блокираат влезот на ОКТА се додека таа не биде затворена.